Кога Модриќ дебитираше за Хрватска, Педри имаше три години

Плејмејкерите на Шпанија и Хрватска, Педри односно Лука Модриќ, треба да бидат меѓу клучните поединци на вечерашниот дуел помеѓу нивните селекции во осминафиналето на ЕП. Педри и Модриќ се клупски ривали, едниот игра за Барселона, другиот за Реал Мадрид, а огромна е разликата во години и искуство помеѓу нив.

Модриќ во септември ќе наполни 36 години, а каков мајстор е, докажа и на претходниот меч против Шкотска, кога даде фантастичен гол. Од друга страна, Педри беше големото откритие на Роналд Куман во Барса и младиот талент веќе е стандарден стартер и во клубот и во националниот тим.

Педри има само 18 години и тој имал само три години кога Лука Модриќ го имаше првиот настап во дресот на хрватската репрезентација, а тоа беше на 1 март 2006 година, кога Коцкестите во контролен меч ја победија Аргентина со 3-2. Лука има 141 настап за својот национален тим, Педри има 7.

Неиграњето на Иван Перишиќ е најголемиот проблем за Хрватска, но смее ли некој да го отпише тимот кој беше светски вицепрвак пред три години?

- Оглас -

Најнови вести