Голем број на фудбалски ѕвезди решија во 2022 година да стават крај на играчката кариера. Вистински дрим тим може да се состави од играчи кои веќе решија да ги стават „копачките на клин“.
Аргентинските голгетери Гонзало Игуаин и Карлос Тевез се во офанзивниот ред. Тевез (38 години) кариерата ја одбележа со настапите во Манчестер сити и Манчестер јунајтед. Со Црвените ѓаволи ја освои Лигата на шампиони и три пати беше првак на Англија. Кариерата ја заврши во омилениот клуб, Бока Јуниорс.
Игуаин (35) во текот на целата кариера играше во врвни клубови, а се радуваше на три титули во Шпанија со Реал Мадрид, како и три трофеи во Серија А во дресот на Јувентус. Се памти и неговата блескава сезона во Наполи кога постигна 36 гола.
Зад напаѓачкото дуо, на крилните позиции се Франк Рибери (39) и Арда Туран (35 години). Рибери најдобрите мечеви ги одигра во дресот на Баерн Минхен со кој ја освои Лигата на шампиони и многу титули во Бундеслигата. Кариерата ја заврши во дресот на Салернитана. Арда Туран се прослави во дресот на Атлетико Мадрид, а едно време играше и за Барселона. Кариерата ја заврши во Галатасарај, каде што и започна.
Во средниот ред се Рамиреш, Џек Вилшер и Диего. Офанзивниот Диего (37) играше за Вердер, потоа го носеше и дресот на Јувентус. Имаше 34 меча во дресот на бразилската репрезентација, но не го искористи големиот потенцијал. Неговиот сонародник Рамиреш (35) со Челзи беше европски и англиски првак. Изненадувачка беше одлуката на англискиот фудбалер Вилшер да оди во пензија на само 30 години. Најголем дел од кариерата ја помина во Арсенал, а одигра и 34 меча за Англија.
Во одбраната главна ѕвезда е Пике кој на 35 години рече збогум на Барселона и на фудбалот. Пике четири пати беше европски првак со Барселона, а во дресот на шпанската репрезентација се радуваше на европската и светската титула. Тука е и Лорент Кошчелни кој со 37 години оди во пензија, како и Холгер Бадштубер (35) кој беше првак на Германија со Баерн Минхен.
На голот на овој тим на тазе пензионери е Бен Фостер кој некогаш бранеше за Манчестер јунајтед, а кариерата ја заврши во Ватфорд на 35 години.

