Кој би рекол дека момче кое доаѓа од место каде што е минус 40 степени, ќе стане европски првак!?

Алфонсо Дејвис е момчето кое сезонава се промовираше во идна голема ѕвезда на светскиот фудбал. Иако има само 19 години, Дејвис покажа зрелост и речиси перфектно ги одигра најважните мечеви во дресот на Баерн. Само неколку месеци му беа потребни на тинејџерот да се докаже и да добие шанса во првиот тим, која ја зграби со двете раце.

Фудбалерот кој игра на позиција лев бек, а по потреба може да игра и поофанзивно по таа страна, сезонава одигра дури 43 меча за Баерн во сите натпреварувања и секако е една од клучните алки за освојување на тројната круна на германскиот гигант.

Чудна е приказната на овој тинејџер. Роден е во Гана, во кампот за бегалци Будубурам, кога неговите родители побегнале од ужасот на втората граѓанска војна во Либерија. Алфонсо го мина најтешкиот пат, па од кампот за бегалци со своето семејство пристигнал во Едмонтон во Канада. Тоа место и не е славно по ниту еден фудбалер, ниту дава надеж дека таму ќе се појави светска ѕвезда.

Сепак, Дејвис со напорни тренинзи успеал да стигне до првиот тим на Ванкувер, а потоа станал и првиот играч кој заиграл во МЛС-лигата, а е роден по 2000 година. Од многуте успеси како тинејџер, секако најзначајниот беше во неделата вечерта.

Дејвис со Баерн Минхен стана европски првак и со тоа е првиот канадски фудбалер кој успеал да ја освои елитната лига на УЕФА. Фудбалерот не ја криеше среќата, а преку социјалните мрежи порача дека секој сон е достижен ако доволно се верува во него. Тој е пример како дете од место каде што температурата паѓа и до минус 40 степени, успеал да стане фудбалер и да се радува на трофејот во ЛШ.

„Кој би помислил дека тоа е дете од Канада, Едмонтон, Алберта. Повеќето луѓе не ни знаат каде е тоа место. Тоа е место каде што врне снег, температурата паѓа и до минус 40 степени, а сега е и место од каде што доаѓа победник во Лигата на шампионите“, напиша Дејвис.

 

 

- Оглас -

Најнови вести