Кој е новиот напаѓач кој случајно заврши во Барселона? Како дете две години бил во инвалидска количка, но не се предал

Без многу помпезност, без бомбастични најави, без навивачи на трибините на „Камп ноу“, Барселона вчера го претстави Мартин Брајтвајт за нов играч на шпанскиот првак. Иако преодниот рок во Европа е завршен, Барселона доби специјална дозвола за да донесе нов играч. Зошто и како се добива таа дозвола?

Во Шпанија постои правило дека во случај на „исклучиво непредвидливи причини“, еден клуб може да побара и да добие дозвола за плус еден трансфер надвор од преодниот рок. Тоа го направи Барселона откако за краток период остана без Луис Суарес и Усман Дембеле, кои се повредија и ќе бидат надвор од теренот по четири односно шест месеци. Во таква ситуација, Барселона остана само со Меси и Гриезман како напаѓачи и побара дозвола да доведе нов голгетер.

КАТАЛОНЦИТЕ БЕА „ПРИСИЛЕНИ“ ИЗБОРОТ ДА ПАДНЕ НА ИГРАЧОТ НА ЛЕГАНЕС

Правилото вели дека може да се бара играч само од Шпанија, па понудата беше лимитирана. Освен што изборот на играчи е намален, шпанските клубови свесни дека Барселона е во теснец, вртоглаво ги зголемуваа сумите за своите играчи. Сосиедад побара 50 милиони евра за Вилијан Хосе, а Бетис побара барем 35 милиони евра за да го продаде Лорен Морона.

Барселона не сакаше да троши толку многу пари за играчи кои реално не ни вредат толку, па фокусот го насочи на Мартин Брајтвајт од Леганес. Тимот кој се бори за опстанок се согласи за 18 милиони евра да го продаде нивниот најдобар фудбалер.

ДРАМАТИЧНО ДЕТСТВО, НО НЕ СЕ ОТКАЖАЛ ОД ФУДБАЛОТ

Брајтвајт потпиша со Барселона до 2024 година, а многумина се чудеа кој е овој играч кој по игра на случајноста заврши на „Камп ноу“ и наместо да се бори за опстанок со Леганес, сега ќе игра за титулата со Барселона. Данецот уште од 2 години бил вљубен во топката и сакал да игра. Сепак, кога наполнил пет години, работите драстично се промениле. На малиот Мартин му било констатирано ретко пореметување на колковите, а главната коска била премека. Постоела можност таа да зацврсти на криво, што би било многу опасно. Затоа детето морало да седне во инвалидска количка и што е можно помалку да ги оптоварува колковите додека тие не зацврстат правилно.

„Бев дете и ништо не ми беше јасно. Не можев да разберам зошто морам да седам во количката додека сите останати деца си играа нормално. Не можев да го правам тоа што другите можеа, а најмногу сакав да играм фудбал. Цели две години поминав со количката. Кога докторот ми рече дека е готово, само скокнав од количката и како животот да ми започна одново. Следниот викенд играв фудбал за својот тим, дадов гол и бев прогласен за играч на мечот. Тоа беше пријателски дуел, но чувството беше прекрасно“, објаснува Брајтвајт.

КАРИЕРА КОЈА СО НИШТО НЕ НАЈАВУВАШЕ ДЕКА ЕДЕН ДЕН ЌЕ ЗАИГРА ЗА БАРСЕЛОНА

Данецот воопшто не ни можел да сонува дека ќе игра за Барселона. Кариерата ја започнал во Есбјерг, каде што во 97 меча постигнал 19 голови. Потоа, за два милиони евра прави трансфер во францускиот Тулуз, каде што во 149 меча постигна 40 голови, а имаше и 15 асистенции. ВО 2017 година е продаден во Мидлсборо за 11,3 милиони евра. Во Англија не се снајде, па се врати во Франција, во тимот на Бордо, а Леганес минатото лето за пет милиони евра го купи и го донесе во Шпанија.

Во ниту еден момент од кариерата Брајтвајт немал блескави моменти кои би најавувале трансфер во гигант како Барселона и дека тој треба да биде замена за играчи како што се Суарес и Дембеле, кои заедно вредат преку 250 милиони евра. Данецот, кој има 39 настапи и за националниот тим, сезонава даде шест од вкупно 18 гола на Леганес, тим кој има големи шанси ќе испадне од Лигата.

Брајтвајт доби неверојатна шанса за која тешко дека и сонувал, а сега нему му останува да се промовира во Барселона и да биде достојна замена за ѕвездите Суарес и Дембеле.

 

- Оглас -

Најнови вести