Кој кандидат за Златната топка ќе ќари од откажувањето на ЕП?

Со презакажано Европско првенство и Копа Америка, станува јасно дека репрезентативните настани нема да имаат големо влијание во трката за фудбалер на годината. Клучни месеци ќе бидат овие првите од 2020 година и од септември натаму до гласањето на ФИФА и за Златната топка на „Франс фудбал“.

Според досега прикажаното, главни фаворити за признанието ќе бидат Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Нејмар, Килијан Мбапе и Роберт Левандовски. Но, би можеле во трката да се вклучат и фаворитот за Златната копачка, Чиро Имобиле, некоја од ѕвездите на Ливерпул, можеби и младиот Ерлинг Халанд или уште некој ако „експлодира“ во периодите мај-јуни или септември-октомври.

Меси е прв стрелец во Шпанија, со Барселона води во првенството, имаат добра шанса да влезат во четвртфиналето на ЛШ и оди по седмата Златна топка во кариерата. Негова слаба точка се настапите за репрезентацијата со која нема освоено трофеј, па му одговара што нема да се игра Копа Америка бидејќи кикс на Аргентина би го оддалечило од индивидуалната награда.

Роналдо беше незапирлив во изминатите два месеци во италијанската Серија А. Неговиот Јувентус е прв во првенството, ќе треба да се помачи против Лион за да влезе во четвртфиналето на ЛШ. Проблем за Роналдо е што се прекина првенството и неговиот голгетерски ритам, а минус е што нема да се игра ЕП, каде што Португалија го брани трофејот. Кристијано дава голем придонес за репрезентацијата.

Нејмар со ПСЖ конечно се пласираше во четвртфинале на ЛШ, лидери се во Франција, и ќе освои трофеј. Бразилецот е лидер на Светците и ако ги однесе далеку во Европа, нема да му пречи што нема да се игра Копа Америка и ќе излезе од сенката на Меси и Роналдо.

Мбапе е најмлад меѓу кандидатите, со Нејмар се борат за превласт во клубот. Французинот е прв стрелец во француската лига, во 2020 веќе има 13 гола и девет асистенции, но за него е лошо што нема ЕП. Ако светскиот станеше и европски првак, шансите на Мбапе за признанието играч на годината ќе беа големи. Вака мора да атакува на титула во ЛШ.

Левандовски е доминантен во Германија, но исто така е прв стрелец и во Лигата на шампионите. Ако Баерн ја освои ЛШ, Полјакот има добри шанси да биде сериозен кандидат за Златната топка.

- Оглас -

Најнови вести