Коман на 23 години ја завршува фудбалската кариера?

Кингсли Коман е голем малер кога станува збор за повредите, а Французинот од Баерн Минхен иако има само 23 години, размислува да прекине со активното играње фудбал. Тој постојано е повреден, најголеми проблеми му создава стапалото, а кон крајот на минатата година изјави дека ако мора да оди на уште една операција, ќе ја заврши кариерата.

„Не можам да прифатам уште една операција. Би било премногу. Можеби на моето стапало не му е судено да биде фудбалерско. Ако се излезе дека е така, ќе работам нешто друго во животот и ќе бидам далеку од сè“, рече тогаш Коман.

Синоќа тој се повреди на средбата Баерн – Тотенхем и мораше да го напушти теренот. Доколку станува збор за повреда на стапалото, може, за жал на љубителите на фудбалот, тој ќе биде принуден да донесе драстична одлука околу (не)продолжување на кариерата. За брзоногиот Французин ова е вкупно 22-ра повреда во професионалната кариера, додека само ланската сезона во пет наврати мораше да отсуствува од терените.

Коман играше и за ПСЖ и Јувентус и освои дури 17 трофеи. За него се најавуваше дека е можен наследник на Робен и Рибери, но само ако го заобиколат повредите.

- Оглас -

Најнови вести