Комичниот автогол на Анкерсен е среќен за Риека и Велковски (видео)

Дарко Велковски со Риека ќе игра во групната фаза од Лигата на Европа откако хрватскиот тим со минимални 1-0 славеше на гостувањето кај Копенхаген. Со помош на Питер Анкерсен, кој си постигна комичен автогол во 20-тата минута, Риека се пласира во главната фаза од второто европско натпреварување.

Брзиот контранапад на гостите можеше лесно да биде претворен во гол, Андријашевиќ во соло-продор се ослободи од неколку противнички играчи и со лоб се обиде да реализира, а откако неговиот удар се задржа во гредата, топката се одби од Анкерсен, кој ја турна во мрежата.

Велковски му се приклучи на Аријан Адеми во Лигата на Европа, кој претходно вечерва исто така обезбеди пласман во групите со Динамо Загреб.

МОЛ Фехервар на Николов и Муслиу загуби со 3-1 на гостувањето кај Стандард во Лиеж. Македонските репрезентативци беа стартери за унгарскиот тим и имаа поволен резултат по десетина минути игра, меѓутоа Стандард во вториот дел го сврте резултатот преку Гавори и двојниот стрелец Амала.

Крсте Велковски е останатиот македонски репрезентативец кој претрпе елиминација во плејофот од ЛЕ, откако Сараево загуби на домашен терен од Селтик со минимални 1-0. Карабах со 3-0 ја надигра Легија, Лудогорец со 2-0 беше подобар од Динамо Брест.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести