Атлетико Мадрид славеше на гостувањето кај Валенсија со 0-2, во натпревар од 34-тото коло на шпанската Ла Лига.
Дуелот на „Месталја“ имаше далеку поголемо значење за домашниот тим, кој е дел од жестоката битка за опстанок заедно со уште неколку екипи од долниот дел на табелата. Од друга страна, Атлетико веќе е сигурен на третата или четвртата позиција и има обезбедено пласман во Лигата на шампионите.
Тренерот на мадридскиот состав, Диего Симеоне, ја искористи можноста да одмори дел од клучните првотимци, со оглед на тоа што за три дена следува реванш дуелот со Арсенал во полуфиналето од Лигата на шампионите. Шанса добија резервистите, меѓу кои и неколку млади фудбалери, кои целосно ја оправдаа довербата.
На голот на Валенсија беше Столе Димитриевски, кој не можеше да спречи пораз на својот тим.
Гостите го скршија отпорот на Валенсија во завршницата од мечот. Во 74-тата минута Варгас го проигра младиот дебитант Икер Луке, кој со прецизен удар во блискиот агол од околу 16 метри го совлада Столе Димитриевски за 0-1.
Конечните 0-2 беа поставени во 82-та минута, кога тинејџерот Мигел Кубо, по асистенција на Антоан Гризман, успеа да го запише својот дебитантски гол во дресот на Атлетико.

