Конечно доби одмор: По 86 одиграни меча по ред, Жил Кунде не беше на теренот за Барселона

Барселона се намачи, но на крајот ја победи Мајорка, и тоа минимално со 1:0 во меч од шпанското првенство. Овој дуел е посебен затоа што Барселона упати неверојатни 40 шута кон голот на гостите, а постигна само еден гол.

Дани Олмо е херојот на Барселона откако погоди во првата минута од второто полувреме. Освен Олмо, овој меч го одбележа Жил Кунде. Францускиот интернационалец не беше на теренот, но токму тоа е нешто неверојатно.

Кунде остана на клупата за резерви и за првпат по точно една и пол година не играше за Барселона на официјален меч. Со ова отсуство на Кунде од теренот против Мајорка заврши неверојатната низа од 86 натпревари по ред на коишто Барселона играше во кое било натпреварување, а Французинот беше на теренот.

Низата на Кунде започна на 28 ноември 2023 година, кога беше на теренот во дуелот против Порто во дуел од Лигата на шампионите. Од тој меч досега против Мајорка, Барселона одигра 86 натпревари, а Кунде или беше стартер или влегуваше од клупата за резерви.

Кунде против Мајорка беше на клупата за резерви, а тренерот Ханси Флик направи пет измени, но Французинот остана на клупата да одмори и да ја прекине неверојатната низа од настапи која траеше точно една и пол година.

- Оглас -

Најнови вести