Конечно проговори неговиот брат: Животот не е фер, ми недостасува стариот Михаел Шумахер

Во петокот кој следува ќе се одбелеат 10 години од страшната несреќа која целосно му го промени животот можеби на најдобриот возач во историјата на Формула 1, Михаел Шумахер. Легендарниот Германец, кој има седум титули светски Ф1 првак, на 29 декември скијаше на француските Алпи и по еден пад, тешко ја повреди главата.

Подолго време Шумахер беше во индуцирана кома, а потоа се разбуди, но никој веќе ниту го виде легендарниот возач, ниту се слушна, ниту се дозна нешто повеќе за неговата состојба.

По повод 10 години од страшната несреќа, за германски „Билд“ зборуваше неговиот помал брат, Ралф, кој исто така е поранешен Ф1 возач.

„Ми недостасува стариот Михаел. Животот понекогаш не е фер. Михаел често имаше среќа во животот, а потоа се случи несреќата. Фала му на Бога, направено е многу благодарение на модерната медицина, но ништо не е како претходно. Можам само да ви кажам дека несреќата беше многу тешка и потресна и за мене “, откри Ралф, кој е шест години помлад од 56-годишниот Михаел.

Неодамна за Михаел Шумахер зборуваше и неговиот голем пријател Жан Тод.

„Михаел е тука и затоа не ми недостасува. Сепак, тоа не е оној Михаел кој бевме навикнати да го гледаме. Подруго е, но за него одлично се грижат сопругата и децата. Тие го заштитуваат. Неговиот живот сега е поинаков, но имам привилегија да ги делам миговите со него. За жал, тоа што се случи пред 10 години направи да не е истиот Миахел каков што го познававме во Ф1“, рече Тод.

- Оглас -

Најнови вести