Нагелсман доби лоша вест, Нојер е повреден и „виси“ за Мундијалот

Германците објавија убава новина дека Мануел Нојер по две години ќе се врати во репрезентацијата и повторно ќе биде прв голман на Светското првенство. Но, само еден ден подоцна пристигнаа лоши вести за селекторот Јулијан Нагелсман.

Нојер се повлече од националниот тим по Европското првенство пред две години, оставајќи му го местото на Марк-Андре тер Штеген. Сепак, голманот на Барселона веќе подолго време е надвор од терените поради повреда, а иако се очекува да биде подготвен за Мундијалот, Нагелсман сакал во тимот да има чувар на мрежата кој е во натпреварувачка форма.

Токму затоа повторно беше воспоставен контакт со Нојер, а според германските медиуми, искусниот голман добил уверување дека би имал место во стартниот состав доколку се врати во репрезентацијата.

И самиот Нагелсман потврди дека разговарал со Нојер, што дополнително ги засили шпекулациите дека легендарниот голман е блиску до камбек во националниот дрес.

Но, утрово од Минхен пристигна вистински шок. Нојер вчера предвреме го напушти натпреварот против Келн во последното коло од Бундеслигата, а првичните информации велеа дека не станува збор за сериозен проблем.

Сепак, Баерн Минхен денеска потврди дека по деталните прегледи било утврдено дека Нојер заработил повреда на листот.

Во овој момент не е познато колку ќе трае неговото закрепнување, а германската јавност веќе се прашува дали Нагелсман ќе се откаже од идејата да го врати во репрезентацијата.

Селекторот на Германија и така има проблеми со изборот на голмани, па евентуалното отсуство на Нојер би било сериозен удар пред објавата на конечниот список за Светското првенство, што треба да се случи следната недела.

- Оглас -

Најнови вести