Триесет и две репрезентации од Европа ќе се натпреваруваат во квалификациите за машкото Европското првенство во кошарка кое ќе се одигра во 2021 година во Чешка, Грузија, Германија и во Италија, а и домаќините ќе учествуваат во циклусот, иако имаат обезбедено место на завршницата.
Првиот квалификациски прозорец е предвиден да се одигра во февруари 2020 година, вториот во ноември истата година, а последниот прозорец е во февруари 2021 година.
Осум групи ќе бидат составени од по четири тимови. Според системот, секоја репрезентација ќе одигра по еден натпревар против сите противници во групата, на домашен и на гостински терен. Првите три тима од секоја група, со исклучок на организаторите, ќе се квалификуваат на Евробаскет 2021. Од групите каде што ќе бидат сместени организаторите ќе се пласираат две репрезентации.
Ждрепката е закажана за в понеделник (22. јули), во Минхен.
Нашата репрезентација е сместена во шестиот шешир, заедно со Унгарија, Босна и Херцеговина и Холандија и против овие репрезентации нема да игра во евроквалификацискиот циклус.