Кошаркарите вечер ги почнуваат подготовките, на листата е и повредениот Војдан Стојановски

Машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија вечерва во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје ги стартува подготовките за двата натпревари од февруарскиот ФИБА „прозорец“ од квалификациите за пласман на Евробаскетот во 2025 година.

Селекторот Александар Јончевски стави 14-мина кошаркари на конечната листа на кандидати за средбите со Естонија (дома на 23 февруари) и Полска (на гости на 26 февруари).

На листата на Јончевски е и Војдан Стојановски, кој играјќи за МЗТ Скопје Аеродром на завршницата од Купот, го повреди задниот дел на бутниот мускул на левата нога и најавите беа дека ќе треба да паузира две до три недели, но денеска треба точно да се знае каква е повредата и колку време најискусниот репрезентативец ќе треба да биде надвор од терените.

За настап во дресот на Македонија ќе конкурираат Дамјан Стојановски, Бојан, Крстевски, Дамјан Робев, Марин Петков, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Амар Хот, Стојан Ѓуроски, Виктор Ефремовски, Ненад Димитријевиќ, Адем Мекиќ, Лејсон Зеќири и натурализираниот Итан Хап, кој игра за шпанскиот прволигаш Гран Канарија.

- Оглас -

Најнови вести