Кошаркарски класик во „Блауграна“

Вториот ден од десеттото коло во Евролигата носи нов кошаркарски класик. Во „Палау Блауграна“, Барселона го пречекува европскиот првак од 2017 година, тимот на Фенербахче (21 часот), дерби од кое се очекува „пеколен“ натпревар.

Покрај очекуваните возбудувања на теренот, ќе има и тактичкото надмудрување меѓу двајцата српски стратези, Обрадовиќ против Пешиќ, што ќе ѝ даде посебен шарм на средбата. Барселона ја има предноста на домашен терен, но „фенерџиите“ доаѓаат самоуверени дека и по шест меѓусебни пресметки, ќе останат непоразени против каталонскиот гигант.

Се играше стариот формат на Евролигата кога Барса последен пат го совлада Фенер (октомври 2014; 80:78). Тоа беше во дебитантската сезона на Обрадовиќ на клупата на турскиот гигант, во сезоната 2013/14, токму во салата каде што и вечерва ќе се сретнат.

Избраниците на Светислав Пешиќ сезонава сѐ уште се непоразени пред своја публика. Сигурните победи над Реал Мадрид и Милано донесоа огромна самодовебра во редовите на Барса, па јасно е дека и на овој меч ќе дадат сѐ од себе да ја заштитат неосвоивата тврдина „Блауграна“.

Но, не треба да се заборави дека Фенербахче веќе еден месец не знае за пораз, со серијата од девет победи во низа во сите натпреварувања, ќе биде многу незгоден гостин.

Пред дербито на вечерта, се играат уште три средби во рамките од десеттото коло. Химки без најдобриот играч Алексеј Швед го пречекува тимот на Панатинаикос (18ч), Басконија гостува кај Анадолу Ефес (18:30ч), додека Олимпијакос ќе го вдоми јадранскиот првак Будуќност (20:30ч).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести