Кошмарот на Хамбургер го претчувствувал еден нивен навивач, па одиграл неверојатен тикет

Хамбургер важи за еден од 20-те најголеми клубови во Германија. Тоа е екипата која пред две сезони го доживеа најголемиот дебакл во клупската историја, откако за првпат по 55 години како дел од Бундеслигата, мораше да испадне во Цвајта.

Хамбургер сезонава имаше шанса да се врати меѓу елитата, но вчера се случи кошмар за овој тим. Екипата имаше реални шанси да стигне до третото место во Втората лига и со тоа да се избори за бараж-меч кој носи влез во Бундеслигата. Хајденхајм, кој беше на посакуваната трета позиција, загуби на гостувањето кај Арминија Билефелд со 3:0, па на Хамбургер му беше потребен само еден бод на свој терен во дуелот против Сандхаузен за да стигне до третото место на табелата.

Сандхаузен немаше речиси никаков мотив да игра на овој меч затоа што беше на средината на табелата, додека влогот за Хамбургер беше бараж за Бундеслигата. Наместо домаќините да слават или евентуално да одиграат нерешено, доживеаја дебакл. Сандхаузен победи убедливо со 5:1.

Навивачите на Хамбургер беа во шок и само среќа ги спаси фудбалерите на Хамбургер да не добијат „лекција“ од фановите затоа што средбата се играше пред празни трибини поради пандемијата со корона-вирусот. Целиот гнев фановите го истурија на социјалните мрежи, а еден навивач на Хамбургер беше најоригинален.

Симпатизерот на Хамбургер постираше тикет на којшто уплатил дека неговиот омилен тим ќе загуби, а дека првиот гол ќе го даде гостинскиот играч Денис Дикмаер. На крајот гостите победија убедливо, но, за жал, наместо првиот гол, Дикмаер го постигна последниот погодок за гостите, па тикетот не е добитен и не успеа само со 5 вложени евра, да добие 780 евра.

 

- Оглас -

Најнови вести