Кошаркарите на Партизан остварија голема победа од 104:90 над Реал Мадрид во 32-то коло во Евролигата со која дојдоа на чекор од пласман во разигрувањето за титулата.
Црно-белите на две кола до крајот на регуларниот дел од сезоната имаат скор 18-14, исто како и шестопласираниот Фенербахче, а една победа помалку имаат Басконија и Жалгирис кои се наоѓаат на осмото и деветтото место на табелата.
Победата над Кралскиот клуб е издвојувана пред 20.068 навивачи во „Штарк арената“, што претставува нов рекорд сезонава. Со триумфот на Партизан, како и на Жалгирис, Црвена звезда која на гости го совлада Лион Вилербан со 76:60, ги загуби шансите да се најде на една од првите осум позиции на табелата.
Одлуката околу победникот беше решена во последната четвртина кога Црно-белите, носени од навивачите успеаја да направат двоцифрена предност (84:72), а на пет минути до крајот беше и плус 16 (92:76), со што беше јасно дека Партизан ќе слави и ќе дојде на чекор од четвртфиналето.
Матијас Лесор и Кевин Пантер постигнаа по 16 поени, Данте Ексум даде 15, а Џејмс Намели 14 поени за Партизан, додека кај Реал најпрецизен беше Џанан Муса со 22 постигнати поени.
Во грчката пресметка, Олимпијакос со 81:73 го совлада Панатинаикос, додека Басконија беше убедлива против Фенербахче и славеше со 23 поени разлика (92:69). Претходно Монако како гостин го победи Баерн Минхен со 84:81, а Жалгирис со 95:74 ја совлада Валенсија.