Краудер со звукот на сирената го урна Бруклин, Лејкерс и Портланд фатија ритам (видео)

Мемфис гризлис ја оствари првата победа сезонава дури по три меча благодарение на победничката тројка на Џеј Краудер против Бруклин нетс за конечни 134:133. Гризлите се провлекоа до дополнителниот период и буквално со звукот на сирената приредија фешта во нивната арена.

Домаќините имаа четири секунди за напад при негатива од два поени, Краудер се исправи за шут само што ја прими топката и како катапулт ја исфрли точно навреме. За кошаркарот на Мемфис клучниот шут му беше само втор реализиран во текот на мечот, даде една тројка на почетокот од дополнителниот период.

Бруклин и вторпат сезонава загуби меч во продолженијата, откако Минесота на отворањето на сезоната ги разочара со минимални 127:126 во „Барклајс центарот“ во мечот во кој Кајри Ирвинг заврши со 50 поени. И ноќеска Ирвинг беше најефикасен, меѓутоа неговите 33 поени повторно не беа доволни за победа на Нетс.

Во текот на ноќта се одигра уште еден интересен дуел, Портланд на гостувањето кај Далас славеше со 121:119. Фантастичното шутерско дуо на Блејзерс, Лилард (28) и Меолум (35) комбинираа 63 поени против европската двојка Дончиќ-Порзингис и успеаја да ја донесат втората победа во низа за Портланд.

Одлични беа и ѕвездите на Далас, Дончиќ запиша дал-дабл од 29 поени и 12 скока, Порзингис стигна до 32 поени, меѓутоа тоа не беше доволно за да се избегне првото разочарување сезонава.

ЛА лејкерс немаа проблеми во дуелот против Шарлот со победата од 120:101, иако Хорнетс делуваа доста разиграно на стартот од средбата. Езерџиите реализираа 33 поени во последната четвртина, кога ја изградија двоцифрената предност, а Дејвис со ефикасните 29 поени и 14 скока беше предводникот до вториот триумф во низа.

И Леброн Џејмс запиша дабл-дабл со 20 поени и 12 асистенции, а перфектна партија одигра искусниот Хауард реализирајќи ги сите осум обиди од игра, па со 16 поени, 10 скока и четири блокади беше исто така клучен за конечниот исход во корист на Лејкерс. Бриџес со 23 поени беше најсветлата точка од редовите на Шарлот.

Од останатите средби кои се одиграа вчера, Оклахома го посрамоти Голден стејт со убедливи 120:92, а Тандерси во текот на мечот имаа и огромни +40 поени разлика против актуелниот вицепрвак. Минесота беше подобра од Мајами со 116:109.

 

- Оглас -

Најнови вести