Криштопанс игра, растат шансите на Вардар за победа над Кјелце

Присуството на десниот бек Даинис Криштопанс, дефинитивно ќе биде голем плус за ракометниот клуб Вардар на дуелот со Кјелце попладнево од 17.30 часот во „Јане Сандански“ од Лигата на шампионите.

Летонскиот џин го повреди скочниот зглоб во понеделникот во дуелот од СЕХА лигата против Војводина, но закрепна навреме и се најде во официјалниот состав. Добра вест за навивачите на Вардар и тренерот Едуард Кокшаров е и враќањето на Атман и Горпишин, кои беа повредени и пропуштија по неколку натпревари, па европскиот првак ќе биде речиси целосно комплетен. На листата на повредени се само Горбок и Толедо.

За Кјелце игра Игор Карачиќ, Хрватот кој седум години настапуваше за Вардар и со скопскиот клуб освои две европски титули, па фановите ќе му приредат топло добредојде. Но, како што најави и Стојанче Стоилов на прес-конференцијата, сите посакуваат нивниот пријател Игор од салата да си замине поразен, и Вардар да запише нова важна победа во елитното натпреварување. 

- Оглас -

Најнови вести