Крос е печен за тренер, Германецот бил клучниот советник на Анчелоти за златните измени на Реал Мадрид

Тони Крос е печен за тренер и тој е клучниот човек што го советувал Карло Анчелоти за златните замени што го живнаа Реал Мадрид во реваншот од полуфиналето во Лигата на шампионите и му донесоа нов сензационален пресврт и пласман во финалето на 28 мај во Париз против Ливерпул.

Интересно е што Крос беше прв заменет играч на реваншот во Мадрид, што Реал во драматичен меч го доби со 3:1 по продолженија и со вкупен резултат од 6:5 го елиминира Манчестер сити.

Родриго, кој влезе на местото на Крос во 68-мата минута беше златниот џокер на Реал и со два гола во 90-тата и во 92-рата минута направи пресврт за 2:1 и за продолженија.

Во игра влегоа и Едуардо Камавинга, кој одигра извонредно од 75. минута и најпрво спаси гол за 2:0 за Манчестер сити, а потоа учествуваше во акциите за головите на Реал.

И Асенсио, кој беше асистент за вториот гол на Родриго, потоа и Себалјос, Лукас и Валјехо, кои влегоа во игра како резерви, имаа свој придонес во големата победа на Реал, а шпанските медиуми открија дека советник на Анчелоти за замените бил токму Крос.

Манчестер сити поведе со голот на Марез во 73-тата минута и имаше голема предност од 5:3 во вкупен резултат, на 20-тина минути до крајот на реваншот, но чудата на Реал продолжија во Лигата на шампионите.

Родриго обезбеди продолженија со два гола во самиот финиш, а потоа на почетокот на првото продолжение Карим Бензема со погодок од пенал обезбеди финале.

Кралскиот клуб направи сличен подвиг и против ПСЖ во осминафиналето, исто така беше во загубена ситуација со два гола негатива во последната фаза од реваншот во Мадрид, но и тогаш со три гола мина понатаму.

Чудесните подвизи на Реал продолжија и во четвртфиналето, кога Челзи водеше со 3:0 и изгледаше супериорно на реваншот на „Сантијаго Бернабеу“, но шпанскиот гигант пак се врати во игра и со два гола во финишот и во првото продолжение стигна до 2:3, сосема доволно да се пласира во полуфиналето, по триумфот на гости од 3:1.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести