Крос и Бензема имаат големи мотиви да го добијат финалето на шпанскиот куп

Реал Мадрид и Осасуна доцна вечерва од 22 часот ќе се борат за трофејот во Купот на Шпанија, а за фаворитот Реал ова е прв куп финале после девет години.

И во таа 2014 година кога Кралскиот клуб во финалето ја совлада Барселона, на клупата на Реал беше Карло Анчелоти, италијанскиот стручњак кој тогаш го освои својот прв трофеј со Реал.

Големи мотиви за победа имаат и искусните Карим Бензема и Тони Крос.

За Бензема тоа би бил 25-ти трофеј со Реал, и би се изедначил со Марсело на првото место на фудбалери кои осволе најмногу пехари како членови на мадридскиот гигант. Бензема повеќе од девет години нема дадено гол против Осасуна и вечерва има прилика да надомести за сите утки против тимот од Памплона изминатата безмалку една деценија.

Крос со Реал има освоено сè, освен Купот на Шпанија, па и Германецот има екстра мотиви во својата колекција да го додаде и овој пехар. Од актуелниот состав на Реал, само петмина го имаат освоено Купот на Шпанија, другите 19-мина го чекаат сефтето.

Ако победи Реал, Едуардо Камавинга ќе ги има освоено сите трофеи со Реал, во сите натпреварувања во кои учествувал, а Французинот има само 20 години и пет месеци. Камавинга дебитираше во дресот на Реал во септември 2021 година. Никој толку брзо и на таа возраст нема освоено толку трофеи во различни натпреварувања со Реал.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести