Кудуз го врати Вардар од „мртвите“, но Кил има предност по првото полувреме

Екипата на Вардар има резултат од 18:16 по првото полувреме во мечот против Кил. Нашиот најдобар ракометен колектив предводен од Анте Кудуз, кој има шест голови од исто толку упатени удари, остана во игра за добар резултат, иако во еден момент имаше и негатива од пет гола.

Двократниот европски првак тргна одлично во првите 10 минути и беше константно во предност од еден гол.

Сепак, сето тоа се сруши како од кула од карти бидејќи во период од минута и пол Кил преку Ехрил, Сагосен и Винчек набрзина дојде до 8:5.

Ландин блескаше на почетокот и забележа пет одбрани, а домашниот тим дополнително зголеми преку Сагосен, но серијата од четири гола едноподруго ја спречи Кудуз, кој намали на 9:6.

Кил играше едноставно и со два нови гола зголеми на 11:6 точно на средината на првото полувреме, по што Веселин Вујовиќ мораше да реагира со тајмаут.

Кудуз беше единствениот со преодна оцена бидејќи имаше четири гола од исто толку обиди, намалувајќи ја негативата на 11:7, а веднаш потоа Вардарци преку Моралес намалија на 11:8.

Следуваше период на малку подобра игра и два брзи гола на Вардарци преку Дијало и Моралеш, со што неизвесноста повторно се врати (12:10), a дополнителна неизвесност донесе Кудуз за 12:11.

Кризата во редовите на Кил траеше, а по пауза од 12 минути, Вардар преку Тото израмни на 13:13, по што мораше тренерот на домаќините да реагира со тајмаут.

Неизвесноста продолжи до самиот крај на првиот дел, а на пауза се замина со резултат од 18:16, што, секако, е подобар од негативата од пет гола што беше во еден момент.

- Оглас -

Најнови вести