Куп трофејот ќе биде доделен во Гевгелија

Македонската кошаркарска федерација денеска и официјално потврди дека завршницата во Купот на Македонија ќе биде во Гевгелија. Градот кој се покажа како одличен домаќин на дуелот Македонија – Косово, во рамките од претквалификациите за ЕП, како и на ФИБА-турнирот 3Х3, следниот месец повторно ќе биде во центарот на кошаркарската јавност.

Договорот за соработка е помеѓу Македонската кошаркарска федерација и клубовите Блокотехна и Кожув, кои ќе бидат коорганизатори на натпреварите од државниот Куп, со поддршка од Општината Гевгелија. Викендот на 15-ти, 16-ти и 17-ти февруари ќе се одиграат мечевите по кои ќе бидат познати најдобрите во Купот.

Спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски, заедно со Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашко Поцков, како и претставниците на клубовите, Ѓорѓи Гетов (Кожув) и Драган Ристов (Блокотехна) одржаа куса средба во Гевгелија договарајќи ги последните детали околу организацијата за натпреварите од Купот во машка и во женска конкуренција.

Системот за натпреварување во двете конкуренции (машка и женска, сениорска) ќе биде идентичен како и минатиот Куп, односно во четврт-финале за мажи првите осум пласирани екипи во ПЛМ по првиот дел од натпреварувањето (11-то коло) ќе разигруваат меѓу себе по систем првопласирана екипа против последнопласирана екипа (1-8, 2-7, 3-6, 4-5) во рамките на четврт-финалните дуели. Во полуфиналните дуели ќе се вкрстат двојките 1-4 и 2-3, а во женска конкуренција, првите четири пласирани екипи по десеттото коло од натпреварувањето во ПЛЖ.

МЗТ Скопје Аеродром, кој е бранител на трофејот, во четврт-финалето ќе игра против Кожуф. Останатите парови во четврт-финалето се Работнички – Куманово, Блокотехна – Охрид и Гостивар – Фени. Според системот, доколку МЗТ и Работнички ги добијат првите мечеви, во полуфиналето ќе има дуел на вечните ривали.

 

- Оглас -

Најнови вести