Куртоа реален: Каква златна генерација сме ние кога ништо немаме освоено?

Репрезентацијата на Белгија е едно од најголемите разочарувања на Светското првенство во Катар откако не успеа да ја помине ниту групната фаза. Белгија веќе неколку години е во Топ 3 селекциите на ФИФА-листата и на последните неколку големи натпреварувања беше меѓу фаворитите. Сепак, Белгија не само што не освои ниту еден медал, туку во Катар имаше катастрофални резултати и само еден постигнат гол во трите меча.

Меѓу оние кои беа најразочарани поради резултатите е голманот Тибо Куртоа, кој јавно побара веќе никој да не ја нарекува репрезентацијата дека е со „златна генерација“.

„Нема потреба веќе така некој да нѐ вика. Не може некого да викате златна генерација, а ништо да немаат освоено. Ние не сме златна генерација. Ние сме генерација со многу таленти и одлични фудбалери кои играат во најголемите клубови во светот“, рече Куртоа.

Според голманот на Белгија, падот на репрезентацијата започнал по завршување на Мундијалот во Русија пред четири години.

„На тој Мундијал покажавме дека Белгија умее да игра одличен фудбал, но на Европското првенство минатата година и сега на СП во Катар бевме далеку од тоа ниво. Тоа е срамно за екипа со такви поединци“, е заклучокот на Куртоа.

- Оглас -

Најнови вести