ЛА Лејкерс се засили со ветеранот Чендлер

Лос Анџелес лејкерс го потврди ангажманот на Тајсон Чендлер, кој ќе остане во редовите на „езерџиите“ до крајот на сезоната. Неговиот договор е во вредност од два милиони долари, а тој доаѓа да биде поддршка за центарските позиции.

Искусниот центар пред неколку дена стана слободен агент откако со Феникс санс се согласија да го раскинат договорот.

„По 10 одиграни мечеви во новата сезона, на младиот тим на Лејкерс му беше потребно искуство, а го пронајдовме токму во Чендлер. Тој е долго време во оваа лига, има неизмерно искуство, како и шампионски прстен, па јасно е дека очекуваме неговиот авторитет да биде добар за екипата. Исто така, ќе бидеме поцврсти во одбраната, сегмент кој мора да го подобриме во следниот период“, истакна генералниот менаџер на тимот, Роб Пелинка.

Чендлер ќе ја игра 18-тата сезона во својата кариера. Во 2011 година со тимот на Далас маверикс стана шампион на НБА, една година подоцна, на ОИ во Лондон со тимот на САД го освои и златниот медал. Во 2012 година, исто така, беше избран за најдобар дефанзивец во НБА-лигата.

- Оглас -

Најнови вести