Лајовиќ го одмазди Ѓоковиќ и се пласираше во финалето во Монте Карло

Душан Лајовиќ го надигра Данил Медведев со 7-5, 6-1, и неочекувано се најде во финалето на Мастерсот во Монте Карло кој се игра на земјена подлога. Ривал на Лајовиќ во финалниот меч ќе му биде Рафаел Надал или Фабио Фоњини.

Лајовиќ и пред овој меч со Русинот Медведев, го имаше направено најголемиот успех во кариерата, а вака направи уште еден чекор напред кон уште поголема сензација. Тој до финалето дојде без загубен сет. Во четвртфиналето, Медведев го совлада најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, но еден ден подоцна не успеа против далеку послаборангиран Србин.

Медведев тргна силно и поведе со 5-1, сервираше за добивање на првиот сет, но Лајовиќ направи брејк, и работите целосно се свртеа во негова полза. Лајовиќ освои шест гејма по ред за добивање на првиот сет, а тоа делуваше демотивирачки за Медведев, кој падна и во вториот сет не успеа да се рехабилитира од шокот, па убедливо беше поразен. Средбата траеше 95 минути.

- Оглас -

Најнови вести