Лани не играа плејоф, а сега Лејкерс и Мајами се во големото финале

Лос Анџелес лејкерс и Мајами хит ќе играат во големото финале на НБА-лигата, а овие клубови во минатата сезона не стигнаа ниту до плејофот. Ова е само вторпат во историјата на НБА да се случи такво нешто, а така беше и пред 71 година, кога финалисти беа Вашингтон капитолс и Минеаполис лејкерс, кои претходната сезона не учествуваа во разигрувањето за титулата.

Мајами ќе се обиде да тргне по стапките на Хјустон рокетс од 1995 година, кога не беа меѓу првите четири во регуларната сезона во својата конференција, а освоија титула.

Историски, ова е најдобро НБА-финале според процентот на плејоф-победи. Лејкерс во својата историја има добиено 60 проценти од плејоф-мечевите, а Мајами има 56,9 и втор е. Езерџиите и Жешките никогаш не играле финале меѓу себе, па интересно ќе биде да се види дали Лејкерс ќе ја оправда улогата на фаворит или тимот од Флорида ќе приреди нова сензација.

Пласман во големото финале за Мајами хит никој не можеше да предвиди пред почетокот на сезонава. Лани ги немаше никаде, тимот е составен од играчи кои беа „непотребни“ во други тимови или ниско драфтувани. Но, Мајами игра тимски и тоа е нивен адут. Покрај тоа, го имаат Андре Игуадала, кој шеста година по ред е во големото финале. Тренерот Ерик Спoлстра е најзаслужен за успехот, а тој одлично го познава и Леброн Џејмс, кого го тренираше во Мајами.

Сега Леброн е главен играч на Лејкерс, оди по титула со трет различен тим. Лејкерс индивидуално е надмоќен, има страшни поединци, па и не им треба тимска игра за да победуваат.

Финалната серија стартува в среда вечер.

- Оглас -

Најнови вести