Лапорта им се обрати на фановите: Ветувам дека ќе пробаме да го победиме Кадис!

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, во денешното видеообраќање кон навивачите на каталонскиот клуб кажа дека и тој самиот не е задоволен од резултатите, но побара поддршка и вети дека екипата ќе се обиде да триумфира на гостувањето кај Кадис в четврток.

„Здраво навивачи. Од вас барам да продолжите да го поддржувате нашиот тим. Им требате на фудбалерите. Знаете дека минуваме низ тежок период, и во овие тешки моменти, мора да бидете на наша страна. Бидете сигурни дека ќе се обидеме да победиме во Кадис. Не знам што ќе се случи, но што и да биде, навивајте за тимот на домашниот меч со Леванте. На тимот му треба поддршка. Треба да останеме смирени, знаеме што треба да се направи за решавање на проблемите“, порача Лапорта.

Барселона има скромни 8 бода по првите четири кола во шпанската лига и се наоѓа на седмо место. Синоќа во финишот се спасија од пораз од Гранада, а пред тоа, исто на „Камп ноу“, беа разбиени од Баерн во Лигата на шампионите. Најголем е притисокот врз тренерот Роналд Куман, наголемо се шпекулира со можни негови наследници, но Барса има финансиски проблеми кои може да се зголемат ако го отпуштат актуелниот тренер.

- Оглас -

Најнови вести