Лапорта летоска заштеди пари, но остана без играчи кои даваат голови, и пак е во „була“

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, кога убедливо победи на изборите лани, со голем ентузијазам беше пречекан од фановите, но мандатот не му оди како што посакува. Не го реализираше ветувањето дека ќе го задржи Лионел Меси, а сега Барса доживеа голем срам, испадна од групната фаза во Лигата на шампионите.

Лапорта се откажа од Меси, го позајми Антоан Гриезман во Атлетико Мадрид, и на тој начин заштеди многу пари, и го спаси клубот од уште поголема финансиска криза. Но, без Меси и Гриезман, во тимот нема голгетери од таков калибар кои може да ја покријат дупката.

Барса на шесте меча во групната фаза од ЛШ даде само два гола и двата против скромниот Динамо Киев. Тоа е премалку. Не им требаше Гриезман, а тој даде 4 гола за Атлетико во групната фаза, и ќе игра осминафинале, за разлика од Каталонците кои се селат во Лига Европа.

Што се однесува до финансиите, испаѓањето од групите е проблематично за Барса. Останаа без прилив од 30-тина милиони евра, од кои 9,6 се од УЕФА, а другите од спонзори, ТВ права, и продажба на билети. Сега, за да заработат 11 милиони, ќе треба да стигнат до финалето на Лига Европа.

- Оглас -

Најнови вести