Лавовите или Фараоните, Мане или Салах, еден ќе слави, друг ќе тагува!

Финалето на Африканскиот куп на нации помеѓу Сенегал и Египет, ќе го одреди новиот африкански фудбалски владетел, а иако според квотите во Sport Life, и според повеќето аналитичари мал фаворит е Сенегал, никој не ја отпишува најтрофејната африканска селекција.

Навивачите на Ливерпул со посебно внимание ќе го следат дуелот, бидејќи главни ѕвезди на финалистите се Садио Мане и Мохамед Салах, ѕвезди на Црвените, кои вечерва ќе играат еден против друг. Тренерот Јирген Клоп предупреди дека поразениот од нив двајца сигурно ќе биде „психички скршен“ и ќе му треба време да се врати во ритам.

Мане и Салах имаат играно по едно финале на Афкон, и го губеа. Само еден од нив ќе ја освои првата континентална титула, а другиот по вторпат ќе тагува. Сенегал и Египет досега играле четири пати, и билансот е 2-2.

На клупата на Египет ќе го нема селекторот Карлош Кеирош, но тоа може да биде и дополнителен мотив за Фараоните кои играа по 120 минути или пенали на сите три досегашни нокаут мечеви, што значи дека се и позаморени од Сенегал.

Сенегалците никогаш не биле африкански прваци, пред три години загубија во финалето од Алжир, а Египет има рекордни седум титули, но последната во 2010 година.

- Оглас -

Најнови вести