Лавовите од Ѓорче Петров не сакаат да дозволат бугарски хет-трик, Шкендија сонува одмазда против Летонци

Македонија Ѓорче Петров денеска од 17.30 часот ќе го почне двомечот во второто квалификациско коло за Конференциската лига на УЕФА со бугарскиот гигант ЦСКА Софија.

Првиот меч ќе се игра во Скопје на комплексот „Петар Милошевски“ на ФФМ, а Лавовите сакаат да избегнат бугарски хет-трик.

Пред 16 години, Македонија Ѓорче Петров го загуби квалификацискиот двомеч со Локомотив Софија во квалификациите за тогашниот Куп на УЕФА, сега познат како Лига на Европа.

Во Скопје беше 1:1, а во Софија Локомотив победи со 1:0 и го елиминира македонскиот тим.

Една година подоцна, во 2007, ѓорчепетровци беа декласирани од Черно Море со 0:4 на домашен терен и со 0:3 на гости, па сега ќе бараат начин да ја сопрат елиминацијата од бугарските тимови во еврокуповите.

Половина час порано Шкендија ќе го почне двомечот со Валмеира, екипа која е лидер во летонското првенство.

Тетовци се гости на првиот меч, а и тие имаат непријатни спомени во дуели со екипи од Летонија.

Лани исто така во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА, Рига ги елиминира со две победи, 1:0 и 2:0 и со вкупен резултат од 3:0 мина понатаму.

 

 

- Оглас -

Најнови вести