Лазаров: Со помош од публиката ќе се обидеме да го изненадиме Силкеборг

Македонскиот ракометен вицепрвак Алкалоид утревечер (18:45 ч.) на свој терен во „Јане Сандански“ против Силкеборг ќе атакува на првата победа во групната фаза од Европската лига на ЕХФ. Данскиот ривал е фаворит, а тренерот Кирил Лазаров најавува голема борба.

„Самото име на противникот и државата од која доаѓа кажува за неговиот квалитет. Тоа е данска екипа која со години игра во европските натпреварувања, а доаѓа од една лига како данската, која е во Топ 3 во Европа. Летово во своите редови го доведоа еден од најдобрите дански играчи Слауген од Веспрем, што потврдува дека се работи за сериозен ривал. Ние мора да бидеме конкурентни, иако имаме млада и недоволно искусна екипа во европски рамки. Дебитанти сме во Европа, но веќе ја надминуваме почетната трема, што се покажа и на дуелот против Ла Риоха на гости. Немаме што да загубиме, ќе играме опуштено и се надевам дека квалитетно ќе одговориме на противникот. Двете екипи негуваа модерен и брз ракомет и јавно ја повикувам публиката да дојде утре на мечот. Фаворитската улога ја препуштам на Силкеборг. Тоа е реалноста. Ние ќе чекаме да ни се укаже шанса која би ја искористиле“, вели Лазаров.

Бекот Иван Џонов знае дека Алкалоид мора да одигра цврсто во одбраната.

„Силкеборг е типична скандинавска екипа, игра брз и динамичен ракомет. Играат цврсто во одбраната и брзо прават транзиција во играта. Ние треба да бидеме дисциплинирани во одбраната и на теренот ќе дадеме сè од себе за да ја израдуваме нашата публика“, вели Џонов.

По првите две кола, Алкалоид има еден бод освоен на гостински терен против Ла Риоха (29:29), додека во првото коло загуби дома од српскиот првак Војводина со 26:31. Силкеборг има победа над Ла Риоха (34:25) и пораз од Војводина (29:28). Данскиот тим во домашното првенство моментално е на четвртото место со седум победи, едно реми и четири порази.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести