Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, вели дека е задоволен од настапот и победата против Израел во ситуација кога имаме многу проблеми со отсутни играчи поради вирус.
Македонија вечерва го победи Израел со 31:28 и утре против истиот ривал ќе го игра последниот подготвителен меч пред пат на Европското првенство.
„Имавме многу проблеми со вирусот и десетмина отсутни ракометари и ако се смета и тој сегмент, задоволен сум од играта. Имавме и добри и лоши страни, но резултатот е позитивен, што е одлично.
Израел ме изненади со одличниот настап, а ние имаме уште 7-8 дена за да се подготвиме за првиот меч со Словенија. Лошо е што Митев се повреди на загревањето бидејќи ни требаат сите ракометари во ваква ситуација со ковид. Очекуваме да ги коригираме сите слабости и да бидеме максимално подготвени за настап на Европското првенство“, изјави Лазаров.
Македонија утре пак ќе игра со Израел на натпревар што ќе ни биде последен пред патот за Дебрецин, каде што ќе играме со Словенија на 13, два дена подоцна со Црна Гора и на 17 со Данска.