Лазаров: Дојдовме со детска градинка на СП и ќе беше светско чудо ако поминевме понатаму

Капитенот Кирил Лазаров вели дека не смееме да се откажеме и да се разочараме по неуспехот на Македонија да влезе во главната фаза од Светското ракометно првенство. Лазаров верува дека македонскиот ракомет има иднина.

„Мислам дека одигравме квалитетно против квалитетен Исланд. Во петте меча не се посрамотивме. Немавме среќа уште во ждрепката, добиме квалитетна група. Додека се подготвувавме пред да тргнеме на СП, дадов изјава дека ќе беше светско чудо ако се пласиравме понатаму. Полека почнува да се прави промена на генерација, многу млади деца, така да кажам, влетаа во нашата репрезентација, со никакво искуство, со нас неколку поискусните. Ова е Светско првенство. Можат еден-два меча да се добијат на искуство, но како што поминува времето, така се губи енергија. Не успеавме. Така да кажам, дојдовме со детска градинка, но за тие млади играчи имам само позитивни оценки. Голем дел од нив се голем потенцијал. И јас сум бил млад играч и воопшто не било лесно. Во текот на кариерата собирав искуство, имав многу неуспешни меча за да стигнам таму каде што сум. Треба да се охрабрат, да им се даде ветар во грб на младите играчи. Ако се продолжи да се работи вак, не треба да се грижиме за нашата иднина. Сакам да ги охрабрам, да им посакам уште повеќе да работат, ова е големо искуство за нив. Видоа како е да се игра под голем притисок, ова ќе им значи многу. Најлошата комбинација во моментов е да се откажеме. Треба да засукаме ракави и уште повеќе да се работи. Не смее ова не влегување во втората фаза да нè демотивира и сè тоа што сме го граделе, да го фрлиме во вода. Блиску сме до пласман на Европско првенство, каде што ќе имаме уште една шанса да се бориме за место на Летните олимписки игри во 2020 година. Треба грешките кои се направени, да се поправат. Не треба да се откажеме, туку да одиме гордо, со високо крената глава. Не е крај на светот. Најважно е тоа што Македонија сака спорт, сака ракомет. И така треба да продолжиме во иднина“, рече Лазаров, кој не заборави да потенцира дека на овој Мундијал на Македонија ѝ недостасуваа неколку квалитетни играчи.

- Оглас -

Најнови вести