Лазаров е задоволен: „Клучна беше желбата кај ракометарите за победа“

Големо задоволство владее во редовите на ракометната репрезентација на Македонија по победата над Швајцарија од 29-27 на Европското првенство во Германија. Селекторот Кирил Лазаров ги истакна техничките грешки како клучни, но и желбата за победа кај ракометарите.

„Сакам да им честитам на моите момци за одличната борба во сите 60 минути. Првиот впечаток е дека одигравме екстра квалитетен натпревар со голема борба, со голема желба за победа. Пред натпреварот им реков на момците не е битна тактиката, важно е да ја посакуваме победата повеќе од Швајцарија. На крајот така и беше, иако и тие ја посакуваа победата и покажаа на ова Европско првенство дека се многу квалитетни. Многу сум задоволен и среќен од прикажаното. На овој натпревар техничките грешки ги сведовме на минимум, за разлика од претходните два натпревари. И на дуелите против Франција и Германија можевме да дојдеме до поволен резултат, но веројатно од преголем респект кон нив, не успеавме во тоа. Можеби не да победиме, но можевме да бидеме многу подобри. Задоволен сум, ѝ благодарам на македонската јавност, на медиумите затоа што гледам колку еуфорично ги доживуваме победите и трагично поразите. Мило ми е за момците и за цела ракометна Македонија“, рече селекторот Кирил Лазаров по победата над Швајцарија.

- Оглас -

Најнови вести