Подготовките завршија, дојде денот кога македонската машка ракометна репрезентација ќе го започне своето деветто учество на светските првенства.
Од 20.30 часот во „Арената Вараждин“ противник ќе ни биде Унгарија, а средбата со нетрпение ја очекуваат и македонските фанови кои во голем број допатуваа на северот на Хрватска за да бидат осмиот играч на тимот на селекторот Кирил Лазаров.
„Подготвени го дочекуваме овој Мундијал. Секој од натпреварите во подговителниот период ни послужи да одработиме на одреден дел од нашата тактика и како селектор сум задоволен од она што го видов. Многу ме радува покажаниот карактер на контролниот дуел со Хрватска и фактот дека се боревме од првата до последната минута. Ние сме млада репрезентација, но тоа е начинот на којшто треба да играме и да го негуваме и на овој шампионат, но и во иднина. Хрватите со квалитетот се приближни на Унгариците и очекувам слично наше издание од аспект на храброст и борбеност во текот на сите 60 минути“, рече македонскиот селектор.
Лазаров добро го познава унгарскиот ракомет, како и нивниот селектор Чема Родригес.
„Унгарија е ракометна земја, со две екипи учесници во Лигата на шампионите. Многу добија со доаѓањето на Чема Родригес, напредуваат, лани беа петти на ЕП, а учествуваа и на последните Олимписки игри во Париз. Можеме да се надеваме дека ќе немаат свој ден, а ние мораме да играме најдобро што знаеме и ако ни се укаже шанса за изненадување, да ја искористиме“, додаде Лазаров.