Лазаров: Ми се допаѓа што јавноста е позитивно настроена, но нема успивање

Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, на денешната средба со новинарите пред хотелот во кој се сместени ракометарите во Дебрецин, истакна дека е задоволен што нема плукање по ракометарите пo поразот од Словенија.

„Намерно не гледав снимка од мечот со Словенија пред да си легнам и добро направив. Утрово одгледав 30 минути и добро направив што не го видов целиот меч. По мечот бев „благ“ и морав да ги пофалам играчите, сега ќе имаме анализа и морам да им укажам на грешките. Се договоривме да не ги понесат емоциите и да бидат фокусирани за тоа што се договаравме. Сепак, се работи за млада и неискусна екипа. Ми се допаѓа јавноста што е позитивна, но не сакам тоа да го успие тимот“, рече Лазаров.

„Имаше премногу добри и премногу лоши работи во краток период и тоа индивидуални. И кај помладите и кај поискусните. Уште кога бев поставен за селектор, играчите си имаат тефтерчиња, некои се срамат да запишуваат што треба да прават, некои запишуваат. Затоа велам, запиши си, повтори си! Така ќе ти остане во главата, открива Лазаров.

Утре Македонија игра против Црна Гора, а Лазаров очекува тежок меч.

„Црна Гора има добри индивидуалци, можеби и подобри од нашите, но ние сме подобри како колектив. Ќе ги анализираме, ништо не се знае. Кај нив не очекувавме да играат некои играчи, но ете играа. Навистина чудна ситуација, не знаеме што да очекуваме и на што да се спремаме. Од ден на ден се менува ситуацијата и треба да се прилагодуваме“, смета Лазаров кој можеби уште утре ќе може да смета и на голманот Никола Митревски, што би било дополнителен плус и мотив.

- Оглас -

Најнови вести