Тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров, признава дека Силкеборг заслужено победи, но е разочаран од големиот број утнати пенали и недоволната реализација во играта шест на пет во поле.
„Честитки за Силкеборг, заслужено победи. И пред мечот реков дека тоа е можеби вториот најдобар тим во Данска, зад Алборг. Малку сум разочаран бидејќи втор меч по ред што го играме дома не погодуваме пет пенали. Не знам што е проблемот, дали притисокот од домашниот терен или нешто друго. Ѝ благодарам на публиката која дојде да нѐ бодри. Не е лесно да се направи пенал и тоа е наш квалитет во играта, но ете, не погодувавме. Противникот има повеќе искуство од нас играјќи во Европа“, вели Лазаров.
Во анализата на играта, Лазаров потенцираше и за проблемите да се погоди со играч повеќе на теренот.
„Проблем ни беше и играта шест на пет кога не можевме повеќе да реализираме. Со такви пропуштени шанси не може да се очекува победа. Ние сме млад тим, нов тим во Европа и мораме уште многу да учиме. Ова е голема школа за младите играчи“, рече Лазаров на прес-конференцијата по поразот од Силкеборг.