Легенда на Ливерпул ќе тактизира во Австралија
Роби Фаулер ја презеде клупата на претпоследниот тим во првата австралиска лига.

Роби Фаулер, поранешниот напаѓач на Ливерпул, во Австралија ја започнува тренерската кариера откако денес и официјално беше претставен за нов предводник на Бризбејн роар. Фаулер потпиша двегодишен договор, а со работа ќе започне со стартот на сезоната 2019/20.
Австралискиот фудбал не е непознат за Фаулер. Во залезот на фудбалската кариера настапуваше за две екипи од А-лигата, Норт Квинсленд фјури и Перт глори, а сега токму во Земјата на Кенгурите ќе ја започне тренерската авантура.
Во изминативе седум години тој го изучуваше занаетот во академијата на Ливерпул, а сега е подготвен на големиот предизвик и верува дека е вистинскиот човек за работата во Бризбејн.
„Напорно работев за лиценцата, сега сакам да се докажам во мојот прв голем предизвик. Иако немам искуство, долго време се занимавам со фудбал и сметам дека можам да ги оправдам очекувањата“, истакна Фаулер на прес-конференцијата.
Бризбејн роар на едно коло до крајот од регуларниот дел од сезоната се наоѓа на претпоследното, деветто место на табелата, само со 18 бода и четири победи од вкупно 26 натпревари.