Играчите од банкротираниот германски клуб од Заводот ќе добиваат плата од 6.900 евра

Некогашниот четирикратен германски шампион Кајзерслаутерн ги поминува најлошите моменти од своето 120-годишно постоење. Клубот кој е еден од основачите на Бундеслигата, сега е прв во германската историја што мора да прогласи банкрот. Причина за банкротот е загубата од 24 милиони евра кои во моментов ја има клубот што сега се натпреварува во Третата германска лига.

Управувањето на клубот, кој е акционерско друштво, ќе го превземе стечаен управник, а клубот ќе има три месеци период во кој ќе треба да најде инвеститор за да се санира загубата. Во овој период тренерите и играчите нема да може да ги раскинуваат договорите, а германскиот Завод за вработување ќе биде задолжен за нивните плати. Фудбалерите од Заводот ќе добиваат најмногу по 6.900 евра, што е максимумот што државата може да го плаќа.

Според германските медиуми, ова е идеална шанса на некогашниот германски првак да започне од почеток, затоа што поради кризата со корона-вирусот, донесена е одлука Фудбалската федерација да ги укине сите санкции за клуб кој ќе оди во банкрот. Тоа значи дека нема да има ни испаѓање во најнизок ранг за Кајзерслаутерн, а клубот нема да биде казнет ниту со одземање на девет бодови.

На шест кола пред крајот, Кајзерслаутерн е на 12-тото место на табелата со 10 бода помалку од местата кои водат во повисок ранг, а има и седум бодови повеќе од клубовите кои се во зоната за испаѓање.

Пред малку повеќе од 20 години, Кајзерслаутерн ја испиша една од најлудите истории во европскиот фудбал. Клубот испадна од Бундеслигата во 1996 година, а во истата сезона го освои и Купот на Германија, па се натпреваруваше во европскиот Куп на победниците на купотовите. Следната сезона експресно се врати во елитата, а во првата сезона стана и првак на Германија. Тоа беше четврта и засега последна титула на тимот кој во таа сезона ги имаа легендарните Олаф Маршал и Андреас Бреме, како и тогаш младиот Михаел Балак. На клупата беше Ото Рехагел. Сепак, тие убави историски момент се далеку и сега главна цел е Кајзерслаутерн да се спаси од згаснување.

 

- Оглас -

Најнови вести