Легендарниот голман на 38 години ќе го потпише најдобриот договор во кариерата

Прославениот мексикански голман Гилјермо Очоа е пред договор со францускиот првак Пари Сен Жермен. Искусниот Очоа во изминативе шест месеци беше голман на италијанскиот калчолигаш Салернитана, каде што имаше забележителни настапи.

Токму овие одбрани на Очоа беа забележани и од големите европски екипи, па ПСЖ, но и Милан и Челзи влегоа во трка за потписот на искусниот чувар на мрежата. Од францускиот првак веруваат дека Очоа е добра опција за резервен голман во екипата каде што „единицата“ е резервирана за Џиџи Донарума.

На ПСЖ потребен му е резервен голман откако Шпанецот Серхио Рико имаше тешка несреќа кога падна од коњ и тешко се повреди, па уште се бори за живот.

Очоа во Европа има брането за Ажаксио, Малага, Гранада и Стандард Лиеж, а поголем дел од кариерата ја помина во мексиканскиот тим Америка. Тој е вистинска легенда на мексиканскиот фудбал, а за репрезентацијата на својата земја има 135 настапи. Следниот месец ќе наполни 38 години.

- Оглас -

Најнови вести