Легендарниот италијански голгетер се сеќава: Во Шпанија секоја вечер излегував, а пак бев најдобар стрелец во лигата

Меѓу најдобрите италијански напаѓачи во последниве 30-тина години сигурно има место и за Кристијан Виери. Тоа е играчот кој може да се пофали дека во кариерата играше за Јувентус, Интер, Милан и Лацио, што доволно зборува за неговиот квалитет. Во текот на целата кариера Виери само две сезони не играше во Италија. Една година помина во Атлетико Мадрид во Шпанија, а една сезона го носеше дресот на Монако.

Виери се потсети на сезоната 1997/98 кога играше во Атлетико. Иако остана само една сезона, популарниот Бобо остави свој печат. Одигра 24 меча во првенството, даде 24 гола и тоа беше доволно да биде најдобар стрелец во Примера за таа сезона. Италијанскиот голгетер се сеќава дека токму таа сезона имал најмногу време за излегување и ноќно шетање, но тоа не му сметало да биде во врвна форма.

„Во принцип во текот на целата кариера сум бил професионалец. Сепак, сезоната кога од Јувентус заминав во Атлетико ја памтам по тоа што многу шетав навечер. Во Мадрид сите фудбалери излегуваа, па не можев јас сам да седам дома. Ќе излезевме на вечера, потоа одевме на прошетка и на по една пијачка. И покрај тоа што постојано шетав навечер, повторно бев најдобар стрелец таа сезона“, се сеќава Виери, кој вкупно во дресот на Атлетико одигра 31 меч, а заврши со 29 погодоци.

Виери ја заврши кариерата во 2009 година а во преку 500 меча на клупско и репрезентативно ниво има постигнато 259 погодоци.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести