Легендарниот Капело не може да верува: Жално е дека Роналдо сам се нуди и веќе никој не го сака

Легендарниот италијански тренер Фабио Капело не може да верува дека Кристијано Роналдо дојде до тој степен да не може да си најде клуб во Европа. Роналдо остана слободен играч откако доби отказ од Манчестер јунајтед пред еден месец и засега нема најава дека може во некој друг европски клуб да продолжи од јануари 2023 година.

„Штета е тоа што му се случува на Роналдо во однос на она што тој го постигна досега во кариерата. Тој се однесуваше арогантно, иако неговите чисто фудбалски квалитети не можат да бидат доведени во прашање. Сега стигна до таму што им се нуди на клубовите, а веќе никој не го сака. Тој стана товар за тимовите“, изјави Капело во интервју за „Кориере дела сера“.

Капело, кој има 76 години, како тренер ги има предводено Милан, Реал Мадрид, Рома, Јувентус, а бил и селектор на Англија и на Русија. Тренерската кариера ја заврши во 2018 година.

Италијанскиот стратег коментираше и околу тоа дали Лионел Меси со освојувањето на светската титула со Аргентина е најдобриот фудбалер на сите времиња.

„Дали Меси сега е на нивото на Марадона? За мене тој беше на исто ниво со Марадона уште пред да ја освои светската титула. Меси, Пеле и Марадона прават работи кои другите фудбалери не ни може да помислат да ги направат“, вели Капело, јасно потенцирајќи кои се тројцата најдобри на сите времиња за него.

- Оглас -

Најнови вести