Џеј Џеј Редик ќе биде нов главен тренер на славниот НБА клуб Лос Анџелес лејкерс. Редик кој за три дена ќе наполни 40 години, нема искуство како тренер, а играчката кариера ја заврши во 2021 година.
Редик во НБА заигра три години после Леброн Џејмс, а се повлече три години пред да му стане тренер на најдобриот стрелец во историјата на лигата. Ова само ја потврдува долговечноста на Џејмс во НБА, следната сезона ќе му биде 22-ра во кариерата. Џејмс имаше играно и против претходниот негов тренер во Лејкерс, Дарвин Хем.
Во Лејкерс не мислат дека е хендикеп што Редик нема искуство како тренер. Ќе има помошници со големо искуство, а на Џеј Џеј ќе му помогне и тоа што четири години има играно за Универзитетот Дјук, каде тренер му беше славниот Мајк Кшижевски и научил нешто од него.