Лејла има светски шарм, во Њујорк ги елиминира шампионките како од шега (Видео)

Лејла Фернандес е голем тениски хит во Њујорк и веќе успеа да елиминира две големи фаворитки и гренслем-шампионки и ќе игра во првото свое четврфинале на големите турнири.

Канаѓанката има само 18 години, денеска ќе полни 19, а веќе ги исфрли од игра четирикратната гренслем-шампионка Наоми Осака и трикратната освојувачка на пехари на најценетите светски турнири, Анжелик Кербер.

Вчера дури и успеа да направи пресврт против Кербер и од 0:1 стигна до победа од 2:1.

Фернандес е интересна приказна и игра за Канада, а по татко ѝ има корени од Еквадор и по мајка ѝ од Филипини.

Тренира на Флорида и има одлично педигре како јуниорка. Играше финале на Отвореното првенство на Австралија во јануари 2019 година и загуби од Таусон, но само шест месеци подоцна славеше на Ролан Гарос во Париз со триумф против Ема Наваро.

Потоа се префрли во светот на сениорките и сега веќе е кандидатка и за гренслем-трофеј во конкуренција на најсилните тенисерки на светот.

И Осака и Кербер имаат титули во Њујорк, но сега можеби е ред на новата тениска ѕвезда. Противничка на Фернандес во четвртфиналето ќе ѝ биде петтата носителка Елина Свитолина, која нема гренслем-трофеј, па во полуфиналето сигурно ќе игра една тенисерка што има шанса за прв пехар во Њујорк.

 

- Оглас -

Најнови вести