Лемб ужива со звукот на сирената – нов проектил за победа и повторно жртва е Торонто (Видео)

Џереми Лемб ужива да игра против Торонто репторс и повторно во рок од две седмици го нокаутира истиот ривал со победнички шут за тројка во последен миг.

Ноќеска резервниот бек на Шарлот хорнетс пак го украде шоуто и со звукот на сирената погоди удар за три поени, со кој му донесе победа од 113:111 на својот тим. Овојпат беше од чиста ситуација и од поблиску, за разлика од шутот од половина терен пред нецели две недели, кога на гостински терен ги шокира и публиката и играчите на Торонто.

Шарлот забележа пирова победа, недоволна за настап во плејоф, но подвигот на Лемб е уникатен.

Лемб го заврши мечот со 22 поени, а поефикасни од него беа неговиот соиграч Кемба Вокер со 29 поени и со ист учинок и Кавај Ленард од спротивниот табор.

Шампионот Голден стејт вориорс е на само еден чекор до првото место во Западната конференција по триумфот против отпишаниот Кливленд кавалирс со 120:114. Блескаше Стефон Кари со 40 поени и фантастичен учинок за тројка со 9 погодени удари од 12 обиди.

Најсериозниот конкурент на Вориорс, Денвер нагетс го победи Портланд со 119:110 и остана во трката за врвот, иако со минимални шанси. Одличен меч повторно одигра Никола Јокиќ. Му недостасуваше само една асистенција за нов трипл-дабл. Српскиот центар даде 22 поени, имаше 13 скокови и 9 асистенции.

Изненадување се случи во големото градско дерби на Лос Анџелес, каде Лејкерс славеа против Клиперс со 122:117. Екипата што нема да игра плејоф и без Леброн Џејмс го победи ривалот, кој ќе настапи во доигрувањето за титулата.

Алекс Карузо го одигра мечот на кариерата и постигна рекордни за него 32 поени кај победничката екипа, додека Данило Галинари беше најефикасен кај Клиперс со 27 поени.

Резултати: Шарлот – Торонто 113:111, Орландо – Атланта 149:113, Вашингтон – Сан Антонио 112:129, Хјустон – Њујорк 120:96, Индијана – Бостон 97:117, Минесота – Мајами 111:109, Оклахома – Детроит 123:110, Далас – Мемфис 112:122, Јута – Сакраменто 119:98, Феникс – Њу Орлеанс 133:126 (по продолженија), Денвер – Портланд 119:110, Голден стејт – Кливленд 120:114, Лос Анџелес клиперс – Лос Анџелес лејкерс 117:122. 

 

 

 

 

 

 

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести