Лев копира од Гвардиола и Валверде: Сакам да играме како Сити или Барса

Селекторот на Германија, Јоаким Лев, направи големи промени во селекцијата со тоа што ги изостави ѕвездите на Баерн Минхен, Џером Боатенг, Матс Хумелс, Томас Милер, во пресрет на квалификацискиот циклус за ЕП 2020 и повика доста млади играчи. Иако повеќето од нив се дебитанти во сениорскиот тим на Германија, Лев од нив има големи очекувања.

Лев смета дека „панцерите“ мора да се навикнат на поседот на топка, бидејќи така би имале контрола врз мечот и полесно би остварувале позитивни резултати.

„Мислам дека грешат ако сметаат дека поседот на топката ’умре’ по завршувањето на Светското првенство. Погледнете ги Манчестер сити или, пак, Барселона, тие доминираат токму со тој стил на игра. Сакам и ние да се навикнеме на нешто што во овој момент ни недостасува. Со чувањето топката и диктирањето на темпото, според мене, можеме да дојдеме до посакуваните резултати. Избегнувам игра на долги топки, можеме да организираме напад почнувајчи од централните дефанзивци. Претходно Боатенг и Хумелс го правеа тоа до перфекција, сега новите актери ќе треба да покажат што знаат“, посочи Лев.

Во операцијта „подмладок“, на местото од искусните стопери на Баерн се очекува да играат Антонио Ридигер од Челзи и Никлас Силе од редовите на германскиот шампион, а повик доби и Матијас Гинтер од Менхенгладбах, кој покрај централната позиција во одбраната, може да игра и како десен бек.

Германија утре (20:45 часот) игра пријателски меч против селекцијата на Србија на „Волцваген арената“ во Волфсбург. Четири дена подоцна ги започнува евроквалификациите против Холандија на „Јохан Кројф арената“ во Амстердам.

- Оглас -

Најнови вести