Селекторот на Германија, Јоаким Лев, изјави дека постои можност во националниот тим да се вратат големите ѕвезди Томас Милер и Матс Хумелс. Точно пред две години, односно во март 2019 година, Лев изјави дека ќе го подмладува националниот состав и дека повеќе нема да смета на искусните Милер (31), Хумелс (32) и Џером Боатенг (32 години).
Германија во последните две години без квалитетните и искусни фудбалери имаше неколку чудни резултати. Минатата година загуби од Шпанија со убедливи 6:0 во Лигата на нациите, а Лев не сака да му се случи нешто слично и на претстојното Европско првенство летово.
Токму поради тоа, Милер и Хумелс може да се најдат во составот на германската репрезентација за следниот квалификациски циклус за Мундијалот 2022 година во Катар.
„Посебните услови ми даваат право да ја сменам одлуката. Иднината на наведените фудбалери ќе биде тешко и важно прашање. Карактерот на Милер и Хумелс е таков што сигурно нема лошо да влијае на останатите“, рече Лев.
Во квалификациите за СП 2022 година, Германија е во група заедно со Македонија. Токму на 31 март е закажан дуелот меѓу четирикратниот светски првак и Македонија.