Левски ќе го земе Купот качен на локомотива или Сините ќе бидат прегазени од локомотивата?

Локомотив Пловдив, кој е бранител на трофејот во бугарскиот фудбалски куп, вечерва го пречекува Левски во првиот меч од полуфиналето, а реваншот ќе се игра за една недела во Софија. И во второто полуфинале кое почнува утре има пловдивско-софиска пресметка (Ботев – ЦСКА).

Левски е во финансиска криза, навивачите засега го одржуваат во живот овој трофеен бугарски клуб, но ќе се обиде да извлече добар резултат пред реваншот дома. Локо и Левски во Пловдив одиграа здодевни 0-0 во првенствен меч сезонава, па сега се очекува да биде поинтересно. Тренер на Локомотив е Бруно Акраповиќ, екс тренер на Шкендија.

Најинтересна е битката преку медиумите, и тоа на челни луѓе на клубовите. Газдата на Локомотив, Христо Крушарски, најави сигурна победа, а на кошаркарскиот тренер Тити Папазов, кој сега е еден од водечките ликови и во ФК Левски, му порача дека ќе има „зорт“.

„Тити вели дека ќе минеле низ Пловдив како низ мала железничка станица. Треба да погледнеш лево и десно пред да преминеш преку пруга, бидејќи ако те удри локомотива, може и да не те најдат веќе“, рече Крушарски.

Секако Папазов, кој е миленик на новинарите поради интересните изјави кои редовно ги дава, му врати на Крушарски.

„Го почитувам господин Крушарски, со кого сме пријатели, но нека знае: Левски ќе го освои Купот и тоа качен на локомотива“, одговори Папазов.

- Оглас -

Најнови вести