Вардар го декласира Тиквеш, Пелистер ја победи Брера во Струмица

Вардар приреди вистинска голеада и убедливо го совлада Тиквеш со 7-0 пред своите навивачи, во натпревар од 29-то коло на Првата македонска фудбалска лига. Пелистер оствари важна победа од 0-1 против Брера на гости.

Тиквеш настапи со дури шестмина играчи под 21 година, што Вардар максимално го искористи и уште од старт ја презеде контролата на играта.

Натпреварот започна фуриозно. Веќе во третата минута Стефан Цветковиќ го отвори резултатот за 1-0 по нафрлена топка. Притисокот на домаќините не стивнуваше, а во 20-тата минута Горан Закариќ зголеми на 2-0 со удар со глава, гол кој по проверка со ВАР беше признат.

Само неколку минути подоцна Дарко Велковски погоди за 3-0, а до крајот на првото полувреме Вардар веќе имаше убедлива предност. Во 39-та минута Јанкулов реализираше за 4-0, со што практично го реши натпреварот уште пред паузата.

Дополнителен удар за Тиквеш беше и црвениот картон на Тасев, по интервенција на ВАР.

Во второто полувреме Вардар продолжи во ист ритам. Во 61-та минута Азер Омерагиќ го постигна петтиот гол, а во 73. минута со нов погодок стана и најефикасен играч на тимот оваа сезона. Подоцна напаѓачот комплетираше хет-трик од пенал, со што го заокружи конечниот резултат 7-0.

Пелистер ја совлада Брера на гости со 0-1, со голот од пенал на Мирко Ивановски во шестата минута. Брера исто така имаше шанса од пенал, но Андреј Јовчевски во 34-та минута успеа да го одбрани ударот на Филип Михаилов.

- Оглас -

Најнови вести