Чудно е кога Германец верува во Англичаните, но Матеус е сигурен: Имаат топ-играчи и ќе бидат меѓу главните фаворити во Катар

Лотар Матеус смета дека Англија има многу силна фудбалска репрезентација која ќе биде еден од главните фаворити на Мундијалот во Катар, иако одигра катастрофално лош циклус во Лигата на нациите и испадна во Сегментот Б.

„На двете последни големи натпреварувања беа блиску до трофејот. Четвртото место на Светското првенство во Русија во 2018 година и второто место на последното ЕП потврдуваат дека се многу блиску до нова голема титула, по таа во 1966 година, кога беа светски прваци.

Кога ќе ги погледнете играчите што ги имаат, па тие и само уште Франција можат да направат три моќни репрезентации.

Можеби им недостасува само врвен голман за да ја остварат целта, но и вака, според мене, се меѓу главните фаворити за титулата во Катар“, вели Матеус.

Голем проблем за Гордиот Албион е и големиот притисок и секогаш огромните очекувања од навивачите кои се радуваа само на еден вреден пехар, пред 56 години, кога Англија стана светски првак.

Сега ситуацијата е комплицирана, атмосферата е нарушена и се бара оставка од селекторот Герет Саутгејт.

Најпрво Италија ги уништи надежите на колевката на фудбалот со триумф во финалето на ЕП лани, а потоа како капак на проблемите дојде испаѓањето на Англија од Сегментот А во Лигата на нациите, и тоа на едно коло пред крај само со два освоени бода и без победа во групата со Унгарија, Италија и Германија.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести